Tuesday, October 15, 2013

МЛАДА, НО ИСКУСНА АКТЕРСКА ЕКИПА


Актерите Здравко Стојмиров и Маја Андоновска ги толкуваат главните улоги во претставата „Траснферату“ со која на 19 октомври во 23 часот ќе го пуштиме во употреба нашиот независен, приватен „Интимен театар“ на улица Стив Наумов 35 во Битола. Посветивме по еден блог-пост за нашата режисерка Софија Ристевска, за авторите на текстот (Младен Алексиев и Станимир Панајотов) и редно време е да ви ги претставиме и глумците што ќе ги гледате на сцена.

Македонец во интернационални проекти
Здравко Стојмиров има дипломирано актерска игра на универзитетот „Неофит Рилски“ во Бугарија, но сега живее и работи во Македонија. Некои од поинтересните проекти на кои што бил ангажиран се: претставата „Дневникот на лудиот“ по текст на Гогољ и во режија на Роберт Симоновски како и „Црвено“ од Орхан Памук во режија на Мартин Кочовски каде што учествувале актери од сите поранешни републики од екс Југославија. Со нашата режисерка Софија Ристевска и претходно имаат соработувано на „Приказна од зоолошката“ и „Домот на Бернарда Алба“. Еден од посвежите проекти на кои што работеше е „Рес“ каде беа вклучени актери од Македонија и од Грција и беше поддржан од ИПА фондот на Европската унија. Ако ви е препознатлив ликот на Здравко, а (за жал) не сте гледале ниту една од овие претстави, тогаш можеби сте го гледале во серијалот „Тврдокорни“ на Македонската телевизија.


Блогерка во комедии и во драми
Маја Андоновска се изгради во професионална актерка на Факултетот за драмски уметности во Скопје и сега е дел од ансамблот на Битолскиот народен театар. Се појавува во огромен број на претстави како што се „Хамлет машина“, „Тартиф“, „Слугинки“, „Обична приказна“, „Травничка хроника“ ... Со Софија Ристевска работеа и на независниот проект „Љубота е кабаре“ кој се играше во Скопје, Битола и Охрид. Маја се има пробано и во комедии и во драми, а и играта пред телевизиската камера не и е непозната. Таа е една од ретките личности во оваа јавна професија која отворено води и блог каде споделува многу моменти од професионалниот и од приватниот живот. Ѕирнете го - http://glumicata.wordpress.com/

Веќе ја дефиниравме првата тура на датуми на кои што можете да дојдете во нашите нови простории на улица Стив Наумов 35 во Битола и да ја погледнете претставата „Трансферату“
18 октомври (петок, претпремиера)
19 октомври (сабота, премиера)
20 октомври (недела)
22 октомври (вторник)
23 октомври (среда)
Сите изведби почнуваат во 23 часот, а билетите чинат 150 денари. Ако можете да поминете од „Интимен театар“ и да си купите карта, сторете го тоа било кој ден во периодот од 10 до 20 часот. Но втората опција е да ни се јавите на телефонот 078/ 30 75 69 и да си резервирате место. Побрзајте, гледалиштете на нашиот театар може да собере само 70 луѓе.

No comments:

Post a Comment