Saturday, December 20, 2014

ЗБОР-ДВА ЗА АКТЕРСКАТА ЕКИПА

Тројца актери ги толкуваат улогите во нашата претстава „Со љубовта шегување нема“ – Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска. Режисер на новото дело на „Интимен театар“ е Софија Ристевска. Користиме текстови од францускиот писател Алфред де Мисе и документарни материјали. Премиерата е на 27 декември (сабота) во 20 часот. Закажавме изведби и на 28 и 29 декември во истиот термин. Во меѓувреме запознајте се со тројцата актери од „Со љубовта шегување нема“.


Здравко Стојмиров – Наградуван глумец во потпетици

Здравко Стојмиров толкува женски лик во „Со љубовта шегување нема“. Ја разработуваме идејата дека полот добиен со раѓањето не го определува нашиот вистински пол. Секој има право да ја донесе таа одлука за себе, а користиме и приказни за припадници на ЛГБТИ заедницата. Здравко играше и во првата продукција на „Интимен театар“ откако влеговме во нашиот простор на улица Стив Наумов број 35, претставата „Трансферату“. Има дипломирано на универзитетот „Неофит Рилски“ во Бугарија. Играше во „Дневникот на лудиот“ во режија на Роберт Симоновски, а за изведбата доби прва награда на фестивалот „Фиат“ во Подгорица. Забележливи се и неговите улоги во „Црвено“, „Мажот е маж“ и „За домот се работи“ на режисерот Мартин Кочовски. Со Софија Ристевска има соработувано и на „Приказна за зоолошката“ и „Домот на Бернарда Алба“.


Катерина Аневска – На независна сцена и во национален театар

Катерина (десно на фотографијата доле) има дипломирано на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Со нашата режисерка Софија Ристевска веќе работеше на „Љубовницата“ и „Љубовта е демоде“. Најголемиот број од нејзините премиери се на сцената на битолскиот театар. Глуми во актуелната претстава „За домот се работи“ на Мартин Кочовски. Има соработувано со словенечкиот режисер Диего де Бреа, а значаен дел од нејзината професионална биографија се: „Каренина Made in Macedonia, „Травничка хроника“, „Обична приказна“ итн.


Стефанија Милевска – Поп и џез пејачка во актерска кожа  

Стефанија (лево на фотографијата) има дипломирано на катедрата за поп и џез пеење на Новиот бугарски универзитет во Софија. Беше дел од бендот „Блусис“ и кореограф на мјузикл и фестивали. Долг период работи и во модното студио „Анастасија“. Заклучокот е дека манекенството и модерниот балет заземаат голем дел од нејзината биографија. Стефанија заедно со Кире Миладиновски работеше и на кореографијата на нашата претстава „Со љубовта шегување нема“.


Thursday, December 18, 2014

КОГА ВЕЛАМ „ИНТИМЕН ТЕАТАР“, МИСЛАМ СОФИЈА РИСТЕВСКА

Главна моторна сила на „Интимен театар“ е Софија Ристевска која е режисерка и на нашето дело во најава - претставатаСо љубовта шегување нема“. Има работено во повеќе национални куќи, но во октомври 2013 години одлучи во Битола дa го отвори првиот независен, приватен театар основан без надворешни инвестиции. Оттогаш просторот на улица Стив Наумов број 35 стана креативно сврталиште за многу уметници. Се организираше летен фестивал на танц и современ театар и се одиграа голем број на професионални претстави меѓу кои и контроверзната „Трансферату. Софи сега најавува ново дело – „Со љубовта шегување нема“ во која главните улоги ги толкуваат Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска. Премиерата е закажана за 27 декември (сабота) во 20 часот, а ќе има и изведби на 28 и 29 декември во истиот термин. Секако локацијата е „Интимен театар“. 


Софија Ристевска има дипломирано на отсекот по режија на Националната академија за театар и филм Крсто Сарафов” во Софија, Бугарија. Стои зад повеќе претстави во националните театри и е активен дел од македонската независна сцена. Во велешкиот Народен театар ја има поставено познатата „Жени“, а во Малиот драмски театар во Битола ја работеше „Жени без маж и ништо повеќе“ за која ја освои првата награда на фестивалот „Експонто“ во Словенија. Но ќе се задржиме на независните проекти. Ја режираше контраверзната „Лили“ која се играше во клубот „Џубокс“ во Скопје. Потоа дојде и кабаре-претставата „Љубовницата“, па „Љубовта е демоде“, монодрамата „Лола“ ... Секогаш одбира актуелни и скокотливи приказни кои покренуваат социјални прашања. Нејзиниот театар има женски глас и воедно  е гласен и бунтовен. 

Tuesday, December 16, 2014

РОМАНТИЧАР ОД НЕКОЕ ДРУГО ВРЕМЕ

Си живеел само ако си сакал, вели францускиот писател Алфред де Мисе. Во претставата „Со љубовта шегување нема“ користиме текстови од овој автор кој е еден од првите во правецот, романтизам. Сепак нашиот проект го надополнуваме и со документарни материјали. Премиерата на „Со љубовта шегување нема“ ја закажавме за 27 декември (сабота) во 20 часот, а ќе има изведби и на 28 и 29 декември во истиот термин. Ве очекуваме во „Интимен театар“ во Битола, а во меѓувреме запознајте се со Алфред де Мисе.

Фотографија од претставата „Со љубовта шегување нема“ во која користиме текстови од Алфред де Мисе
Делата на Алфред де Мисе биле инспирација за голем број на уметници меѓу кои и за композиторот Жорж Бизе. Во исто време како Оноре де Балзак го добива орденот Легија на честа, а потоа станува дел од Француската академија на науките и уметностите. Сепак кога се говори за овој писател, најчесто првата асоцијација е неговата љубовна афера со писателката Жорж Санд. Траела две години, а потоа Алфред де Мисе ја напишал автобиографската новела „Исповед на детето на векот“ по која во 2012 година е снимен филм со Шарлот Гензбург и Пит Доерти го главните улоги. Се верува дека е автор и на лезбејска еротска новела која исто така е моделирана според Жорж Санд.


Инспирирал многу уметници, а позната е и неговата бурна врска со писателката Жорж Санд
Повелете неколку цитати од Алфред де Мисе:

* Колку е величествено, а во исто време и болно, да бидеш исклучок
* Големите уметници немаат земја
* Човекот е ученик, а болката е неговиот учител 

Sunday, December 14, 2014

БОКС-МЕЧ ПОМЕЃУ ЉУБОВТА И ПАРИТЕ. КОЈ Е ПОСИЛЕН?

Претставата „Со љубовта шегување нема“ во режија на Софија Ристевска ги спротивставува љубовта и капиталот. Ги става во боксерска арена и ги анализира резултатите од тој крвав меч. Главните улоги ги толкуваат: Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска. Најновата премиера на нашиот независен „Интимен театар“ е закажана за крајот на декември. Претставата е работена според текстови на еден од првите автори во правецот романтизам, Французинот Алфред де Мисе и документарни материјали. 


Денешниот свет е конструиран според правилата на капиталот. Човекот пред себе нема многу алтернативи освен да се потчини и да се постави во функција на парите. Според тоа можеме да заклучиме дека СО КАПИТАЛОТ ШЕГУВАЊЕ НЕМА или како што вели германскиот драматург и писател Рене Полеш, ЉУБОВТА Е ПОСТУДЕНА ОД КАПИТАЛОТ. Токму за тоа говори нашата претстава. Најприфатлива особина на човекот станува неговата потрошувачка и финансиска моќ. Љубовта оди во втор план затоа што не се вклопува со капиталистичко-политичките односи кои во моментов владеат со светот. Таа некогаш била основна движечка сила, а сега константно е поставувана на испит и масовно е манипулирана.


Нашиот актер Здравко Стојмиров толкува женска улога затоа што ја разработуваме и идејата дека полот добиен со раѓање не го определува нашиот вистински пол. Секој има право да ја донесе таа одлука за себе. Во претставата има и приказни за припадници на ЛГБТИ заедницата.


„Со љубовта шегување нема“ е повик да создадеме похуман, посолидарен и социјално рамноправен свет. Место каде секој човек ќе има право на слобода и љубов затоа што игнорирањето на овие две категории може многу да нè чини!

Подгответе се да нѝ дојдете на гости во „Интимен театар“ сместен на улица Стив Наумов број 35 во Битола (во близина на месната заедница „Стево Патакот“). Наскоро ќе објавиме информација околу датумот на премиерата, цената на билетите и каде да резервирате место. 

Friday, April 11, 2014

Промоција на „Дневникот на хулиганот“ во Битола

Промоција на книгата „Дневникот на хулиганот“ на Сашо Димоски и перформанс во изведба на актерот Васил Зафирчев ќе се одржат на 11 април (петок) во 20 часот во просториите на „Интимен театар“ во Битола. Се работи за роман во кој поезијата е проза и прозата е поезија, а на 193 страници се сместени белешките на еден хулиган. „Дневник на една љубов, на секоја љубов“, се вели во најавата на делото. Публиката истата вечер ќе може да погледне и 30-минутен буто-перформанс во изведба на Зафирчев. Станува збор за посебен тип на танцов театар кој што потекнува од Јапонија. Билетите само за настанот чинат 100 денари, додека за 300 денари ќе добиете и билет и книгата на Димоски.
„Дневникот на хулиганот“ всушност е мултимедијален проект кој е единствен од ваков тип во Македонија, а излегувањето на публикацијата е само еден сегмент од приказната. Во првата етапа, на радиото „Метрополис“ се емитуваа радиски изданија под тоа име, а текстовите ги читаше Зафирчев. На 15 февруари годинава, проектот влезе во нова фаза и во слободна продажба се појави книгата во издание на „Култура“. Додека во план е да се реализира и видео проект каде што главните улоги ќе ги толкуваат Зафирчев и младата актерка Наташа Петровиќ. Авторот Димоски е роден во 1985 година и има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува во трите книжевни рода: поезија, проза и драма и е еден од најнадежните млади автори во Македонија. Член е на независниот театар „Театра”, а во ноември 2012 година со неговиот текст „Пеперутка“, радиодрамата се враќа како драмска форма во македонскиот етер. Во мај 2013, со перформаност „Верност“, заедно со актерката Ирена Ристиќ, поставуваат една поинаква, иновативна драмска форма.
Зафирчев е актер и уметнички директор на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Но познат е и по независните проекти каде што постојано ги поместува креативните граници. Еден од тие дела е и буто-перформансот кој што ќе можете да го погледнете во Битола, а премиерно беше изведен во февруари годинава во Македонската опера и балет.

Ве очекуваме во „Интимен театар“ на улица Стив Наумов број 35 во близина на месната заедница „Стево Патакот“.