Friday, December 23, 2016

Ова е екипата на најновото театарско дело „Скршената стомна“

Извонредна театарска игра во новата претстава на Интимен театар „Скршената стомна“ ќе покажат двајцата актери Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски, и двајцата актери од Битолски театар . Досега изиграле многубројни улоги во над триесет претстави, а добитници се и на повеќе награди.

двајцата актери Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски
Оваа претстава, осма по ред на независната театарска куќа „Интимен театар“ е работена по мотиви од Хајнрих Фон Клајст, германски автор од почетокот на 19 век и авторски текстови на Билјана Крајчевска . Во заглавието на пиесата The Broken Jug, генерално  станува збор за корумпираното судство, а во „Скршената стомна“ само десет проценти од материјалите се од пиесата, а останатото се авторски материјали на Крајчевска. Претставата е во режија на Софија Ристевска, која всушност ги режира сите претстави на овој театар.
- „Скршената стомна“ е расказ за изгубениот и заблудениот човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес. Со помош на огромната индустрија, таканаречена „пластична хирургија“, надворешноста се доведува до перфекција, а душевноста затапува и го губи својот фокус. Оттука и идејата дека по улиците шетаат полумртви кукли, жртви на чудовишниот капитализам, што пополека се прекршуваат и ја губат својата животна рамнотежа - вели Ристевска за своето најново дело.
„Скршената стомна“ е расказ за изгубениот и заблудениот човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес - вели режисерката Ристевска
Инаку, таа две години е вработена во Велешки театар, а во март оваа година ја направи "Старицата од Калкута" од Ханок Левин. Оваа претстава учествуваше на овогодишниот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и освои награди за млад актер(Талија Настова) и за кореографија ( Кире Миладиноски). Тој, пак работеше на сите досегашни претстави на „Интимен театар“, а кореограф е и на најновата, „Скршената стомна“. Драматург е Билјана Крајчевска, која покрај авторските материјали за оваа претстава како драматург се јавува на сите досегашни претстави на „Интимниот театар“. Таа е вработена во Битолски театар. Дизајнот на звук е на  Златко Кузевски, дизајн на светло на Томе Ѓорѓиевски. Шминката ја направи Ксенија Вангеловска, а фризурите Кристина Серафимова Кики. За фотографиите беше задолжен Петар Тасевски, а за дизајнот Владимир Видановски. Премиерата на претставата „Скршената стомна “ е на 30 декември, петок со почеток во 20 часот.

Билјана Крајчевска-драматург
Кире Миладиноски-кореограф




Tuesday, December 20, 2016

„Интимен театар“ работи со полна пареа

„Скршената стомна“ е осмата претстава на „Интимен театар“ од Битола кој постои од февруари, 2010 година. Пред да добие свое интимно катче за работа, театарот, претставите ги работеше во најразлични простори. Но, од октомври 2013 година, има свој театарски простор, во Битола, на ул. Стив Наумов, бр. 35, каде претставите може да ги следат околу шеесет љубители на театарската уметност.
Основната цел на „Интимен театар“, е да поставува текстови од современи драмски автори, кои што зборуваат за социјални проблеми во општеството и кои што го анализираат животот на современиот човек со сите негови плусеви и минуси


Ова се претставите што досега ги реализираше оваа независна театарска куќа:

Од претставата Трансферату одиграна во 2013 година
2010 година -  „Лили“ (Кабаре Џубокс, Скопје)
2011 година -  „Љубовницата“ (Кабаре Џубокс, Скопје)
2011 година -  „Љубовта е демоде“ (Ноќен клуб Расчекор, Битола)
2013 година -  „Лола“ (Кабаре Џубокс, Скопје)
2013 година -  „Трансферату“ (Интимен Театар, Битола)
2014 година - „Со љубовта шегување нема“ (Интимен Театар Битола)
2015 година - „Будење на пролетта“ (Интимен Театар, Битола)
2016 година - „Скршената Стомна“ (Интимен Театар, Битола)



Sunday, December 18, 2016

„СКРШЕНАТА СТОМНА“, НОВА ПРЕТСТАВА ВО ИНТИМЕН ТЕАТАР

„Скршената стомна“ е новата претстава која се подготвува во „Интимен театар“ од Битола, работена по мотиви од Хајнрих Фон Клајст, германски автор од почетокот на 19-ти век и авторски текстови на Билјана Крајчевска. Режисерката Софија Ристевска објаснува дека „Скршената стомна“, е претстава за човекот на дваесет и првиот век, којшто е претворен во шуплива кукла, манипулирана само и единствено од моќта на капиталот.

Во новата претстава играат Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски
-Емоциите, љубовта и семејните социјални врски, сè поретко се појавуваат во секојдневието на човекот, што е пласиран и определен само и единствено од пазарот на трудот. Кариерата и финансиската моќ се ставени пред основните човечки начела и принципи. Инстант живеењето нè осакатува и не претвора во осамени, егоистични и антисоцијални индивидуи. Во натпреварот за поуспешна и поисплатлива кариера, станува сè потешко да се создадат семејство и поколение, па оттука се поставува прашањето дали капиталот е доволно добар за да го замени нашето неродено дете, нашите љубовни врски... Дали капиталот е доволно емоционален да го замени човечкиот стремеж за социјална припадност?- вели Ристевска за најновиот проект на “Интимен театар“, кој со нетрпение сака да го претстави на публиката. Во новата претстава играат Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски.