Tuesday, December 22, 2015

ВЕДЕКИНД БИЛ ЗАБРАНУВАН И ЦЕНЗУРИРАН

Новата седма претстава на „Интимен театар“ чија премиера е закажана на 28 декември (понеделник) и на 30 декември (среда) е правена по пиесата на Франк Ведекинд, „Будење на пролетта“ и по документарни материјали, поточно лични раскази собрани од самата екипа.
Франк Ведекинд (1864-1918) е германски писател кој пишувал во времето кога Фројд ја пласира својата теорија за сексуалноста, во почетокот на 20 век.

Почнал како новинар и актер, пишувајќи песни и пантомими. Неговата прва драма „Будење на пролетта“ е всушност и негово најпопуларно дело. Голем дел од неговата продукција ја чинат драми во кои главно место зазема светот на нагоните и страстите. Често се повикува и на малограѓанскиот морал и општествени конвенции кои ја опишуваат детално човековата исконска страст и љубов.
„Будење на пролетта“ предизвикала многу бурни реакции во тоа време. Ова дело ја критикува сексуално угнетувачката култура на 19 век и дава дава жива драматизација на еротските фантазии. Со оглед на контроверзните теми (пубертет, сексуалнос, силување, злоупотреба на деца, хомосексуалност, самоубиство, абортус), претставата често била забранета или цензурирана.

За прв пат е изведена на англиски јазик во 1917 година во Њујорк, пред одбрана публика. Ведекинд има големо значење за развојот на експресионизмот во германската драматургија, а извршил големо влијание на многу писатели во средна Европа.

Friday, December 18, 2015

РЕЖИСЕРКАТА РИСТЕВСКА ЌЕ ГЛУМИ ВО НОВАТА ПРЕТСТАВА

Најголемо изненадување во новата претстава „Будење на пролетта“, која се подготвува во „Интимен театар“ е режисерката Софија Ристевска која за првпат ќе се проба и како актерка. Покрај, неа во новата претстава, играат и актерот Здравко Стојмиров и Стефанија Милевска, позната пејачка, танчерка и актерка.
Режисерката на „Будење на пролетта“ вели дека отсекогаш сакала да се стави во кожата на актерите.
- Ова е прв пат да глумам во моја претстава. Се решив на овој чекор за да ја запознаам уште подобро професијата на моите глумци, за да можам во иднина уште поумешно и поиновативно да работам со нив - вели Ристевска.
Режисерката Софија Ристевска ќе глуми 
Таа дипломирала театарска режија во Софија, Бугарија и досега има режирано над триесет претстави во најразлични театри во државата, во Србија и Бугарија. Нејзиниот „Интимен театар“ постои веќе пет години и во овој независен културен простор, таа се обидува да креира театарски свет заснован врз документарни материјали, најчесто создавани од учесниците во проектот.


Актерот Здравко Стојмиров, дипломирал актерска игра во Благоевград, Бугарија и досега учествувал во речиси сите продукции на „Интимен Театар. Работи и во „Битолски“ и „Прилепски театар“, како и во многу проекти на „Мал Драмски театар“ од Битола. Неговиот актерски израз е многу специфичен и се карактеризира со големи трансформации,  изразени преку лабораторната работа со телото и гласот.

Актерскиот израз на Здравко Стојмиров е многу специфичен


Стефанија Милевска е млада пејачка, танчерка и актерка, којашто завршила џез пеење во Софија, Бугарија. Нејзините вокални и физички способности, даваат големо богатство и надоградување на нејзиното актерско присуство на сцената. Стефанија беше дел од претставата „Со љубовта шегување нема“, на „Интимен театар“, а ова е нејзина втора соработка со нашата театарска куќа. Овој месец, Стефанија го промовираше и својот прв музички албум „Ретро – Перспектива“ и имаше настапи во живо во речиси сите поголеми градови во државата. „Будење на пролетта“ е работена по текстови од Франк Ведекинд и документарни материјали. Режијата е на Софија Ристевска, драматург е Билјана Крајчевска, а кореографијата е на Кире Миладиноски.
Стефанија Милевска е млада пејачка, танчерка и актерка

Tuesday, December 15, 2015

ВО ИНТИМЕН ТЕАТАР СЕ БУДИ НОВА ПРЕТСТАВА

Интимен театар наскоро ќе ја изненади својата верна публика со нова премиера, која овојпат е целосно посветена на жената. Најновиот проект „Будење на пролетта“, ги разгледува проблемите на женската популација во нашето општество, како сегрегацијата и етикетирањето на секојдневно ниво, врз различни основи. Во ова време на суров неолиберализам, кога жената има професија и кариера, а плус мора да е добра мајка, домаќинка, сопруга и љубовница, таа се соочува со константната нетрпеливост и нетолерантност од страна на општеството, што не е едуцирано и истренирано, за да го толерира моделот на ЖЕНА – ЛИДЕР.
- Нашата претстава со голема доза на хумор и самокритика, ги разгледува проблемите на жените што се борат активно за своите позиции и не потпаѓаат под ничие влијание. Ги разгледуваме нивните проблеми со тежината и нивното активно посетување на часовите по аеробик. Ги разгледуваме и ситуациите со шефовите мажи во фирмите, што редовно им предизвикуваат непријатни ситуации. Ги анализираме и желбите за екстремни спортови, што создаваат високо ниво на андреналин, како заштитен механизам против светот што не опкружува и на крајот зборуваме за свадбите и за сите подготовки окулу нив. Со огромна доза на хумор анализираме со колку многу предизвици се соочува жената и колку многу очекувања се вперени во неа. А за да биде иронијата поголема, дури и кога е најзаслужна, таа тешко го добива своето признание -вели режисерката на претставата Софија Ристевска.
Режисерката Софија Ристевска
Режисерката Софија Ристевска



Фотографија од претставата „Будење на пролетта“
Новата претстава е работена по текстови од Франк Ведекинд и документарни материјали. Режијата е на Софија Ристевска, драматург е Билјана Крајчевска, а кореографијата е на Кире Миладиноски.