Friday, April 11, 2014

Промоција на „Дневникот на хулиганот“ во Битола

Промоција на книгата „Дневникот на хулиганот“ на Сашо Димоски и перформанс во изведба на актерот Васил Зафирчев ќе се одржат на 11 април (петок) во 20 часот во просториите на „Интимен театар“ во Битола. Се работи за роман во кој поезијата е проза и прозата е поезија, а на 193 страници се сместени белешките на еден хулиган. „Дневник на една љубов, на секоја љубов“, се вели во најавата на делото. Публиката истата вечер ќе може да погледне и 30-минутен буто-перформанс во изведба на Зафирчев. Станува збор за посебен тип на танцов театар кој што потекнува од Јапонија. Билетите само за настанот чинат 100 денари, додека за 300 денари ќе добиете и билет и книгата на Димоски.
„Дневникот на хулиганот“ всушност е мултимедијален проект кој е единствен од ваков тип во Македонија, а излегувањето на публикацијата е само еден сегмент од приказната. Во првата етапа, на радиото „Метрополис“ се емитуваа радиски изданија под тоа име, а текстовите ги читаше Зафирчев. На 15 февруари годинава, проектот влезе во нова фаза и во слободна продажба се појави книгата во издание на „Култура“. Додека во план е да се реализира и видео проект каде што главните улоги ќе ги толкуваат Зафирчев и младата актерка Наташа Петровиќ. Авторот Димоски е роден во 1985 година и има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува во трите книжевни рода: поезија, проза и драма и е еден од најнадежните млади автори во Македонија. Член е на независниот театар „Театра”, а во ноември 2012 година со неговиот текст „Пеперутка“, радиодрамата се враќа како драмска форма во македонскиот етер. Во мај 2013, со перформаност „Верност“, заедно со актерката Ирена Ристиќ, поставуваат една поинаква, иновативна драмска форма.
Зафирчев е актер и уметнички директор на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Но познат е и по независните проекти каде што постојано ги поместува креативните граници. Еден од тие дела е и буто-перформансот кој што ќе можете да го погледнете во Битола, а премиерно беше изведен во февруари годинава во Македонската опера и балет.

Ве очекуваме во „Интимен театар“ на улица Стив Наумов број 35 во близина на месната заедница „Стево Патакот“.