Tuesday, October 15, 2013

МЛАДА, НО ИСКУСНА АКТЕРСКА ЕКИПА


Актерите Здравко Стојмиров и Маја Андоновска ги толкуваат главните улоги во претставата „Траснферату“ со која на 19 октомври во 23 часот ќе го пуштиме во употреба нашиот независен, приватен „Интимен театар“ на улица Стив Наумов 35 во Битола. Посветивме по еден блог-пост за нашата режисерка Софија Ристевска, за авторите на текстот (Младен Алексиев и Станимир Панајотов) и редно време е да ви ги претставиме и глумците што ќе ги гледате на сцена.

Македонец во интернационални проекти
Здравко Стојмиров има дипломирано актерска игра на универзитетот „Неофит Рилски“ во Бугарија, но сега живее и работи во Македонија. Некои од поинтересните проекти на кои што бил ангажиран се: претставата „Дневникот на лудиот“ по текст на Гогољ и во режија на Роберт Симоновски како и „Црвено“ од Орхан Памук во режија на Мартин Кочовски каде што учествувале актери од сите поранешни републики од екс Југославија. Со нашата режисерка Софија Ристевска и претходно имаат соработувано на „Приказна од зоолошката“ и „Домот на Бернарда Алба“. Еден од посвежите проекти на кои што работеше е „Рес“ каде беа вклучени актери од Македонија и од Грција и беше поддржан од ИПА фондот на Европската унија. Ако ви е препознатлив ликот на Здравко, а (за жал) не сте гледале ниту една од овие претстави, тогаш можеби сте го гледале во серијалот „Тврдокорни“ на Македонската телевизија.


Блогерка во комедии и во драми
Маја Андоновска се изгради во професионална актерка на Факултетот за драмски уметности во Скопје и сега е дел од ансамблот на Битолскиот народен театар. Се појавува во огромен број на претстави како што се „Хамлет машина“, „Тартиф“, „Слугинки“, „Обична приказна“, „Травничка хроника“ ... Со Софија Ристевска работеа и на независниот проект „Љубота е кабаре“ кој се играше во Скопје, Битола и Охрид. Маја се има пробано и во комедии и во драми, а и играта пред телевизиската камера не и е непозната. Таа е една од ретките личности во оваа јавна професија која отворено води и блог каде споделува многу моменти од професионалниот и од приватниот живот. Ѕирнете го - http://glumicata.wordpress.com/

Веќе ја дефиниравме првата тура на датуми на кои што можете да дојдете во нашите нови простории на улица Стив Наумов 35 во Битола и да ја погледнете претставата „Трансферату“
18 октомври (петок, претпремиера)
19 октомври (сабота, премиера)
20 октомври (недела)
22 октомври (вторник)
23 октомври (среда)
Сите изведби почнуваат во 23 часот, а билетите чинат 150 денари. Ако можете да поминете од „Интимен театар“ и да си купите карта, сторете го тоа било кој ден во периодот од 10 до 20 часот. Но втората опција е да ни се јавите на телефонот 078/ 30 75 69 и да си резервирате место. Побрзајте, гледалиштете на нашиот театар може да собере само 70 луѓе.

Sunday, October 13, 2013

АКО САКАМ ДА ЛИЧАМ НА КОЗА, ТОА Е МОЈ ПРОБЛЕМ


Млада девојка која сака да направи пластична операција и да го преобрази своето лице во лице на коза. Вака во една реченица би ја сумирале приказната во претставата „Трансферату“ со која на 19 октомври официјално го пуштаме во употреба нашиот нов, независен и приватен „Интимен театар“ на улица Стив Наумов број 35 во Битола. Но зад сето ова се кријат многу слоеви, пропратни прашања, анализи ... Нашата режисерка Софија Ристевска напиша неколку реченици со цел да го претстави своето видување за „Трансферату“.


 „Оваа одлука на девојката е израз на борбата на идивидуата против нормите и стегите во општеството. Се презентираат и изјавите на нејзините родители, партнерот, нејзиниот работодавец, хирургот што ќе ја прави операцијата како и на психијатарот што го анализира нејзиното психичко здравје. Нејзините блиски се категорично против тој зафат и се на работ на нервен слом. Хирургот вели дека таков процес е возможен и дека штом клиентот сака и е согласен да ги сноси евентуалните последици, тој ќе ја изврши операцијата. Психијатарот константно ги споменува минусите од еден таков радикален хируршки зафат и нивната негативна рефлексија врз психичкото здравје. Со ова се создава целокупната слика на општеството и неговото негирање на една таква одлука што во суштина е многу лична, неконвенционална и непозната за јавните „правила“ под кои сите живееме. Претставата е направена на документарниот принцип. Приказната се раскажува реалистично и со помош на автентичните аудио материјали се брише границата помеѓу  реалноста и фикцијата“. 


Главните улоги во „Трансферату“ ги толкуваат: Маја Андоновска и Здравко Стојмиров.



Saturday, October 12, 2013

ОД РАДИО ДРАМА ДО ПРЕТСТАВАТА „ТРАНСФЕРАТУ“

Бугарските автори Младен Алексиев и Станимир Панајотов играат клучна улога во  тоа што независниот „Интимен театар“ на 19 октомври ќе ја постави во Македонија претставата „Трансферату“со која ќе бидат и отворени вратите на нашата театарска куќа сместена на улица Стив Наумов број 35 во Битола. Тие несебично и без парична надокнада дозволија да го користиме нивниот текст кој во првичната форма е напишан за радио драма, а ние ќе го „преточиме“ во претстава. Овој блог-пост е посветен само на Алексиев кој е главен автор на делото и Панајотов кој е коавтор. На овој свет се уште има луѓе кои што веруваат во уметноста и не им се поклонуваат само на парите. Младен и Станимир, ви благодариме!      

Театарски режисер од Софија кон светот

Младен Алексиев (1980, Стара Загора) дипломирал театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност во Бугарија и во моментов живее и работи во Софија. Има режирано голем број театарски претстави. Во 2006 година за радио драмата „Трансферату“, Алексиев кој е главен автор на делото ја доби главната награда во категоријата за радио на Интернационалниот медиа фестивал The 8th Muse во Софија.
Младен има учествувано и во бројни независни театарски продукции во Софија, Белград и Амстердам. Тој е учесник во програмата за размена меѓу Akademie Schloss Solitude и Inter Space Media Art Center во Софија.



Философ во Бугарија и во Македонија

Станимир Панајотов (1982) дипломирал философија во Софија, магистрирал философија и родови студии на Институт „Евро-Балкан“ во Скопје, а сега е на докторски студии во Будимпешта. Тој е активен и заинтересиран за квир-активизмот (во Македонија и во Бугарија) и за квир-теорија, за марксизмот, критичката и постмодерната теорија и за родовите прашања. Има објавено многу написи и рецензии на книги од различни издавачки куќи во Бугарија и пошироко и има преведено голем број на дела на бугарски јазик. Станимир е ко-автор на „Трансферату“.


Thursday, October 10, 2013

ИНТИМНИОТ ТЕАТАР НА СОФИЈА РИСТЕВСКА


Театарџиите и креативците влегувале и излегувале од проектите кои се работени под капата на „Интимен театар“, но во нашата групата има една константа – режисерката Софија Ристевска. Таа ги има режирано сите наши претстави и благодарејќи на нејзин труд, заложба и ангажман на 19 октомври со премиерата на „Трансферату“ ги отвораме вратите на нашата нова театарска куќа сместена на улицата Стив Наумов број 35 во Битола. Софи е „Интимен театар. Но мора да истакнеме дека ниту за секунда не сме го потцениле трудот на секој од уметниците што влегле во некој проект и оставил парче срце за да се изработи една претстава.


 Софи има дипломирано на отсекот за режија на Националната академија за театар и филм “Крсто Сарафов” во Софија, Бугарија. Работела на повеќе претстави во националните театри, но е и активен дел и од македонската независна сцена. Во велешкиот Народен театар ја има поставено „Жени“, има работено и во охридскиот театар. Но ние би сакале да се задржиме на независните проекти. Ја режираше контраверзната „Лили“ која се играше клубот „Џубокс“ во Скопје. Потоа дојде и кабаре-претставата „Љубовницата“, па „Љубовта е демоде“ ... Секогаш одбира актуелни и скокотливи приказни кои покренуваат социјални прашања. Нејзиниот театар е гласен и бунтовен. 

Wednesday, October 9, 2013

ЗАПОЗНАЈТЕ ГО „ИНТИМЕН ТЕАТАР“


Ако прв пат слушате за „Интимен театар“ време е да ве информираме дека ние не сме дружина што постои од вчера. Да, на 19 октомври со претставата „Трансферату“ и официјално ќе ги отвориме вратите на нашата професионална и независна театарска куќа сместена на улицата Стив Наумов број 35 во Битола. Но досега под капата на „Интимен театар“ имаат излезено четири претстави кои се играни на различни локации низ Македонија. Голем број на професионални театарџии имаат оставено крв и пот за да излезат овие постановски кои најчесто не биле поддржани од ниту една државна институција. Борбата продолжува! „Интимен театар“ ќе продолжи да чекори и спроти ветровите, но сега ќе бидеме вкотвени во нашата куќа каде добродојдени ќе биде сите креативци и вљубеници во театарот.

„Интимен театар“ во 2010 година ја постави првата претстава „Лили“ работена по текстови на кубанскиот автор Педро Хуан Гутиерес која се играше во кабарето „Џубокс“ во Скопје


Втора беше „Љубовницата“ која беше поставена на истата локација во 2011 година, но се играше и во неколку локали во Битола и во Охрид


Потоа на крајот на 2011 година дојде и претставата „Љубовта е демоде“ која публиката ја гледаше во ноќниот клуб „Расчекор“ во Битола. 


Четврта  беше „Лола“ која годинава ја поставивме во „Џубокс“, но учествуваше и на два фестивали - „Битолско културно лето“ и „Ристо Шишков“


 А, следна е претставата „Трансферату“ по текст на бугарските автори Младен Алексиев и Станимир Панајотов. Само 10-ина дена не делат од премиерата која ќе се случи во нашата театарска куќа „Интимен театар“ на Стив Наумов број 35 во Битола.

Кликнете на нашата фејсбук-страница 




Tuesday, October 8, 2013

САКАМ ЛИЦЕ НА КОЗА


Мал поглед во претставата „Трансферату“ со која на 19 октомври ги отвораме вратите на нашиот нов, професионален и независен „Интимен театар“ сместен на улица Стив Наумов број 35 во Битола. Режисер е Софија Ристевска, а главните улоги ги толкуваат Здравко Стојмиров и Маја Андоновска. Ова е постановка за млада девојка која сака да направи пластична операција и да го преобрази своето лице во лице на коза. Текстот е на бугарските автори Младен Алексиев и Станимир Панајотов. Кореографијата е на Кире Миладиноски, сценографијата и дизајнот се на Даниела Димитровска, а костимографијата е на Андреј Ѓорѓиевски.

Гледалиштете на нашиот „Интимен театар“ може да собере само 70 луѓе, а интересот е изненадувачки голем. Наскоро ќе ја објавиме цената на билетите за премиерата на „Трансферату“ на 19 октомври. Бидете подготвени набрзо да си резервирате место. Во меѓувреме кликнете лајк на нашата фејсбук-страница



Monday, October 7, 2013

„ИНТИМЕН ТЕАТАР“ ОДВНАТРЕ И ОДНАДВОР


Иако „Интимен театар“ почна да функционира и да „произведува“ претстави во 2010 година, оваа 2013-та е пресвртна за нашата професионална дружина. Влегуваме во наш, нов простор кој е сместен на улица Стив Наумов број 35 во Битола. Официјално почнуваме со работа на 19 октомври со премирата на „Трансферату“ во режија на Софија Ристевска, а Маја Андоновска и Здравко Стојмиров ги толкуваат главните улоги. Конечно – „Интимен театар“ со своја театарска куќа. Имаме гледалиште од 70 луѓе во кое е добредојден секој вљубеник во слободната мисла.

Ѕирнете како изгледа нашиот театар одвнатре и однадвор и кликнете лајк на нашата фејсбук-страница