Млада девојка која сака да направи
пластична операција и да го преобрази своето лице во лице на коза. Вака во една
реченица би ја сумирале приказната во претставата „Трансферату“ со која на 19
октомври официјално го пуштаме во употреба нашиот нов, независен и приватен
„
Интимен театар“ на улица Стив Наумов број 35 во Битола. Но зад сето ова се
кријат многу слоеви, пропратни прашања, анализи ... Нашата режисерка Софија
Ристевска напиша неколку реченици со цел да го претстави своето видување за
„Трансферату“.
„Оваа одлука на девојката е израз на
борбата на идивидуата против нормите и стегите во општеството. Се презентираат и
изјавите на нејзините родители, партнерот, нејзиниот работодавец, хирургот што
ќе ја прави операцијата како и на психијатарот што го анализира нејзиното
психичко здравје. Нејзините блиски се категорично против тој зафат и се на
работ на нервен слом. Хирургот вели дека таков процес е возможен и дека штом
клиентот сака и е согласен да ги сноси евентуалните последици, тој ќе ја изврши
операцијата. Психијатарот константно ги споменува минусите од еден таков
радикален хируршки зафат и нивната негативна рефлексија врз психичкото здравје.
Со ова се создава целокупната слика на општеството и неговото негирање на една
таква одлука што во суштина е многу лична, неконвенционална и непозната за
јавните „правила“ под кои сите живееме. Претставата е направена на
документарниот принцип. Приказната се раскажува реалистично и со помош на
автентичните аудио материјали се брише границата помеѓу реалноста и фикцијата“.
Главните улоги во „Трансферату“ ги
толкуваат: Маја Андоновска и Здравко Стојмиров.
No comments:
Post a Comment