Sunday, December 18, 2016

„СКРШЕНАТА СТОМНА“, НОВА ПРЕТСТАВА ВО ИНТИМЕН ТЕАТАР

„Скршената стомна“ е новата претстава која се подготвува во „Интимен театар“ од Битола, работена по мотиви од Хајнрих Фон Клајст, германски автор од почетокот на 19-ти век и авторски текстови на Билјана Крајчевска. Режисерката Софија Ристевска објаснува дека „Скршената стомна“, е претстава за човекот на дваесет и првиот век, којшто е претворен во шуплива кукла, манипулирана само и единствено од моќта на капиталот.

Во новата претстава играат Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски
-Емоциите, љубовта и семејните социјални врски, сè поретко се појавуваат во секојдневието на човекот, што е пласиран и определен само и единствено од пазарот на трудот. Кариерата и финансиската моќ се ставени пред основните човечки начела и принципи. Инстант живеењето нè осакатува и не претвора во осамени, егоистични и антисоцијални индивидуи. Во натпреварот за поуспешна и поисплатлива кариера, станува сè потешко да се создадат семејство и поколение, па оттука се поставува прашањето дали капиталот е доволно добар за да го замени нашето неродено дете, нашите љубовни врски... Дали капиталот е доволно емоционален да го замени човечкиот стремеж за социјална припадност?- вели Ристевска за најновиот проект на “Интимен театар“, кој со нетрпение сака да го претстави на публиката. Во новата претстава играат Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски.


No comments:

Post a Comment