Претставата „Со љубовта шегување нема“ во режија на Софија Ристевска ги
спротивставува љубовта и капиталот. Ги става во боксерска арена и ги анализира
резултатите од тој крвав меч. Главните улоги ги толкуваат: Здравко Стојмиров,
Катерина Аневска и Стефанија Милевска. Најновата премиера на нашиот независен
„Интимен театар“ е закажана за крајот на декември. Претставата е работена според
текстови на еден од првите автори во правецот романтизам, Французинот Алфред де Мисе и документарни материјали.
Денешниот свет е конструиран според правилата на капиталот. Човекот пред себе
нема многу алтернативи освен да се потчини и да се постави во функција на
парите. Според тоа можеме да заклучиме дека СО КАПИТАЛОТ ШЕГУВАЊЕ НЕМА или како
што вели германскиот драматург и писател Рене Полеш, ЉУБОВТА Е ПОСТУДЕНА ОД
КАПИТАЛОТ. Токму за тоа говори нашата претстава. Најприфатлива особина на
човекот станува неговата потрошувачка и финансиска моќ. Љубовта оди во втор
план затоа што не се вклопува со капиталистичко-политичките односи кои во
моментов владеат со светот. Таа некогаш била основна движечка сила, а сега константно е поставувана
на испит и масовно е манипулирана.
Нашиот актер Здравко
Стојмиров толкува женска улога затоа што ја разработуваме и идејата дека полот добиен со раѓање не го
определува нашиот вистински пол. Секој има право да ја донесе таа одлука за себе. Во
претставата има и приказни за припадници на ЛГБТИ заедницата.
„Со љубовта шегување нема“ е повик да создадеме похуман, посолидарен и социјално рамноправен свет. Место каде секој човек
ќе има право на слобода и љубов затоа што игнорирањето на овие две категории
може многу да нè чини!
Подгответе се да нѝ дојдете на гости во „Интимен театар“ сместен на улица
Стив Наумов број 35 во Битола (во близина на месната заедница „Стево Патакот“).
Наскоро ќе објавиме информација околу датумот на премиерата, цената на билетите
и каде да резервирате место.
No comments:
Post a Comment