Tuesday, December 16, 2014

РОМАНТИЧАР ОД НЕКОЕ ДРУГО ВРЕМЕ

Си живеел само ако си сакал, вели францускиот писател Алфред де Мисе. Во претставата „Со љубовта шегување нема“ користиме текстови од овој автор кој е еден од првите во правецот, романтизам. Сепак нашиот проект го надополнуваме и со документарни материјали. Премиерата на „Со љубовта шегување нема“ ја закажавме за 27 декември (сабота) во 20 часот, а ќе има изведби и на 28 и 29 декември во истиот термин. Ве очекуваме во „Интимен театар“ во Битола, а во меѓувреме запознајте се со Алфред де Мисе.

Фотографија од претставата „Со љубовта шегување нема“ во која користиме текстови од Алфред де Мисе
Делата на Алфред де Мисе биле инспирација за голем број на уметници меѓу кои и за композиторот Жорж Бизе. Во исто време како Оноре де Балзак го добива орденот Легија на честа, а потоа станува дел од Француската академија на науките и уметностите. Сепак кога се говори за овој писател, најчесто првата асоцијација е неговата љубовна афера со писателката Жорж Санд. Траела две години, а потоа Алфред де Мисе ја напишал автобиографската новела „Исповед на детето на векот“ по која во 2012 година е снимен филм со Шарлот Гензбург и Пит Доерти го главните улоги. Се верува дека е автор и на лезбејска еротска новела која исто така е моделирана според Жорж Санд.


Инспирирал многу уметници, а позната е и неговата бурна врска со писателката Жорж Санд
Повелете неколку цитати од Алфред де Мисе:

* Колку е величествено, а во исто време и болно, да бидеш исклучок
* Големите уметници немаат земја
* Човекот е ученик, а болката е неговиот учител 

Sunday, December 14, 2014

БОКС-МЕЧ ПОМЕЃУ ЉУБОВТА И ПАРИТЕ. КОЈ Е ПОСИЛЕН?

Претставата „Со љубовта шегување нема“ во режија на Софија Ристевска ги спротивставува љубовта и капиталот. Ги става во боксерска арена и ги анализира резултатите од тој крвав меч. Главните улоги ги толкуваат: Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска. Најновата премиера на нашиот независен „Интимен театар“ е закажана за крајот на декември. Претставата е работена според текстови на еден од првите автори во правецот романтизам, Французинот Алфред де Мисе и документарни материјали. 


Денешниот свет е конструиран според правилата на капиталот. Човекот пред себе нема многу алтернативи освен да се потчини и да се постави во функција на парите. Според тоа можеме да заклучиме дека СО КАПИТАЛОТ ШЕГУВАЊЕ НЕМА или како што вели германскиот драматург и писател Рене Полеш, ЉУБОВТА Е ПОСТУДЕНА ОД КАПИТАЛОТ. Токму за тоа говори нашата претстава. Најприфатлива особина на човекот станува неговата потрошувачка и финансиска моќ. Љубовта оди во втор план затоа што не се вклопува со капиталистичко-политичките односи кои во моментов владеат со светот. Таа некогаш била основна движечка сила, а сега константно е поставувана на испит и масовно е манипулирана.


Нашиот актер Здравко Стојмиров толкува женска улога затоа што ја разработуваме и идејата дека полот добиен со раѓање не го определува нашиот вистински пол. Секој има право да ја донесе таа одлука за себе. Во претставата има и приказни за припадници на ЛГБТИ заедницата.


„Со љубовта шегување нема“ е повик да создадеме похуман, посолидарен и социјално рамноправен свет. Место каде секој човек ќе има право на слобода и љубов затоа што игнорирањето на овие две категории може многу да нè чини!

Подгответе се да нѝ дојдете на гости во „Интимен театар“ сместен на улица Стив Наумов број 35 во Битола (во близина на месната заедница „Стево Патакот“). Наскоро ќе објавиме информација околу датумот на премиерата, цената на билетите и каде да резервирате место. 

Friday, April 11, 2014

Промоција на „Дневникот на хулиганот“ во Битола

Промоција на книгата „Дневникот на хулиганот“ на Сашо Димоски и перформанс во изведба на актерот Васил Зафирчев ќе се одржат на 11 април (петок) во 20 часот во просториите на „Интимен театар“ во Битола. Се работи за роман во кој поезијата е проза и прозата е поезија, а на 193 страници се сместени белешките на еден хулиган. „Дневник на една љубов, на секоја љубов“, се вели во најавата на делото. Публиката истата вечер ќе може да погледне и 30-минутен буто-перформанс во изведба на Зафирчев. Станува збор за посебен тип на танцов театар кој што потекнува од Јапонија. Билетите само за настанот чинат 100 денари, додека за 300 денари ќе добиете и билет и книгата на Димоски.
„Дневникот на хулиганот“ всушност е мултимедијален проект кој е единствен од ваков тип во Македонија, а излегувањето на публикацијата е само еден сегмент од приказната. Во првата етапа, на радиото „Метрополис“ се емитуваа радиски изданија под тоа име, а текстовите ги читаше Зафирчев. На 15 февруари годинава, проектот влезе во нова фаза и во слободна продажба се појави книгата во издание на „Култура“. Додека во план е да се реализира и видео проект каде што главните улоги ќе ги толкуваат Зафирчев и младата актерка Наташа Петровиќ. Авторот Димоски е роден во 1985 година и има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува во трите книжевни рода: поезија, проза и драма и е еден од најнадежните млади автори во Македонија. Член е на независниот театар „Театра”, а во ноември 2012 година со неговиот текст „Пеперутка“, радиодрамата се враќа како драмска форма во македонскиот етер. Во мај 2013, со перформаност „Верност“, заедно со актерката Ирена Ристиќ, поставуваат една поинаква, иновативна драмска форма.
Зафирчев е актер и уметнички директор на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Но познат е и по независните проекти каде што постојано ги поместува креативните граници. Еден од тие дела е и буто-перформансот кој што ќе можете да го погледнете во Битола, а премиерно беше изведен во февруари годинава во Македонската опера и балет.

Ве очекуваме во „Интимен театар“ на улица Стив Наумов број 35 во близина на месната заедница „Стево Патакот“.

Friday, December 13, 2013

ТАНДЕМ ОД АКТЕР И ТАНЧАР ВО „ДИСКО АНИМИРАН ФАНК“


Актерот Огњан Голев и танчарот Ивајло Димитров од Бугарија на 18 декември (среда) во 20 часот за прв пат ќе го изведат перформансот „Диско анимиран фанк“, а ексклузивната премиера ќе се случи во нашиот „Интимен театар“ на улица Стив Наумов 35 во Битола. Делото ќе можете да го погледнете и на 19 декември (четврток) во 18 часот, а потоа двајцата уметници ќе заминат за Софија за да го прикажат перформансот и во својата татковина, Бугарија. Билетите чинат 150 денари. Може да се купат во просториите на „Интимен театар“ (улица Стив Наумов 35 во близина на месната заедница „Стево Патакот“ во Битола) или пак може да си резервирате место на телефонот 078/307 569. Додека ја чекаме премиерата во среда запознајте ги Огњан и Ивајло

Огњан – Актер во театар и на филм  
Огњан Голев е актер кој во 2001 година ја завршува Националната Академија за театар и филм „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија. Во 2002 година, тој специјализира режија на истата академија. Во последните десет години има играно во голем број на претстави во речиси сите театри во Софија како и во неколку бугарски филмови. Во 2008 година, Огњан заедно со својата сопруга Ирина Дочева Голева го создава Здружението за современа и алтернативна уметност и култура „По вистински случај“. Перформансот „Диско анимиран фанк“ е негов втор самостоен проект.


Ивајло – Танчар и универзитетски професор
Танчарот Ивајло Димитров во 2000 година ја завршува Националната академија за театар и филм „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија на отсекот по пантомима. Во 2003 година магистрира театарска режија на Новиот бугарски универзитет во Софија. Од 2004 година е професор по „импровизација на движењето“ на Националната академија за театар и филм во Софија. Работи како кореограф и танчар во неколку минати проекти на Здружението „По вистински случај“. Во 2009 година, со својата танцова минијатура, „Пара/Симпатетик“, добива прва награда на натпреварот за современа бугарска кореографија, организиран од фондација „Хјум артс“ и Центар за култура и дебата „Црвената куќа“ во Софија.


Thursday, December 12, 2013

ЕКСКЛУЗИВНА СОРАБОТКА СО ТЕАТАР ОД БУГАРИЈА


Доколку го следите нашиот блог или фејсбук-страница веќе знаете дека физичкиот перформанс „Диско анимиран фанк“ кој е дело на бугарските уметници Огњан Голев и Ивајло Димитров , светската премиера ќе ја има на 18 декември (среда) во 20 часот во просториите на нашиот независен „Интимен театар“ (улица Стив Наумов 35, Битола). Се работи за ексклузивна соработка меѓу нашиот театар и здружението „По вистински случај“ од Софија. Делото исто така ќе можете да го погледнете и на 19 декември (четврток) во 18 часот, а веднаш потоа Огњан и Ивајло заминуваат за Бугарија за прв пат да го претстават перформансот и во својата татковина. Билетите за овие две есклузивни изведби чинат 150 денари. Карти можете да се купите кај нас, во „Интимен театар“ (сместени сме во близина на месната заедница „Стево Патакот“ во Битола) или пак да си резервирате место на телефонот 078/307 569


Здружението „По вистински случај“ има дебела биографија зад себе. Постои пет години и досега има реализирано четири независни авторски театарски проекти. За „Пеперутките се всушност истребувачи“ ја доби наградата ИКАР која е најголемо признание за театар кое го доделува Сојузот на артистите на Бугарија. Здружението „По вистински случај“ воедно во 2011 година беше номиниран за годинешните награди на Софија за важни достигнувања во областа на културата, во категоријата „театар“. 

Wednesday, December 11, 2013

ДА СТИГНЕМЕ ДО КВАЛИТЕТЕН ОДНОС БЕЗ КОНФЛИКТИ


Физичкиот перформанс „Диско анимиран фанк“ ги следи процесите на блискост меѓу двајца мажи и потребното време да се реализира соработка. Како што веќе кажавме, ова дело кое го изработи културна дружина од Бугарија премиерно ќе биде изведено 18 декември во нашиот, независен „Интимен театар“ на улица Стив Наумов 35 во Битола. Перформансот ќе може да го погледнете и на 19 декември, а дури потоа двајцата бугарски уметници Огњан Голев и Ивајло Димитров ќе заминат во Софија за да го претстават делото и во својата татковина.

Во „Диско анимиран фанк“ се користат сретствата на современиот танц и музика како и импровизации ... Се следи како се достигнува квалитетен взаемен однос кој ги надминува конфликтот, контролата и споредувањето. На кој начин генерираната креативна врска преминува во споделување и творештво.

Ова е ексклузивна соработка помеѓу Здружението за современа и алтернативна уметност и култура „По вистински случај“ од Бугарија и „Интимен театар“ од Македонија. Запаметете – првата изведба е на 18 декември и тоа во Битола! 


Monday, December 9, 2013

БУГАРСКИ ТЕАТАРЏИИ СО ПРЕМИЕРА ВО МАКЕДОНИЈА!

Физичкиот перформанс „Диско анимиран фанк“ кој е дело на културна дружина од Бугарија за прв пат светлото на денот ќе го „види“ во Битола и тоа во просториите на нашиот независен „Интимен театар“. Дури по премиерата кај нас на 18 декември (ќе има изведба и на 19 декември ), двајцата бугарски уметници Огњан Голев и Ивајло Димитров ќе заминат во Софија за да го претстават делото и во својата татковина. Ова е ексклузивна соработка помеѓу Здружението за современа и алтернативна уметност и култура „По вистински случај“ од Бугарија и „Интимен театар“ од Македонија. Наскоро повеќе информации за перформансот и за цената на билетите па се надеваме дека ќе дојдете да ги поддржите и да го погледнете делото на нашите гости од Софија!