Актерот Огњан
Голев и танчарот Ивајло Димитров од Бугарија на 18 декември (среда) во 20 часот
за прв пат ќе го изведат перформансот „Диско анимиран фанк“, а ексклузивната
премиера ќе се случи во нашиот „Интимен театар“ на улица Стив Наумов 35 во Битола.
Делото ќе можете да го погледнете и на 19 декември (четврток) во 18 часот, а
потоа двајцата уметници ќе заминат за Софија за да го прикажат перформансот и
во својата татковина, Бугарија. Билетите чинат 150 денари. Може да
се купат во просториите на „Интимен театар“ (улица Стив Наумов 35 во близина на
месната заедница „Стево Патакот“ во Битола) или пак може да си резервирате
место на телефонот 078/307 569. Додека ја чекаме премиерата во среда запознајте ги Огњан и Ивајло
Огњан – Актер во театар и на филм
Огњан Голев е
актер кој во 2001 година ја завршува Националната Академија за театар и филм
„Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија. Во 2002 година, тој специјализира режија на истата
академија. Во последните десет години има играно во голем број на претстави во речиси сите театри во Софија како и во неколку бугарски
филмови. Во 2008 година, Огњан заедно со својата сопруга Ирина Дочева
Голева го создава Здружението за современа и алтернативна уметност и култура
„По вистински случај“. Перформансот „Диско анимиран
фанк“ е негов втор
самостоен проект.
Ивајло – Танчар и универзитетски професор
Танчарот Ивајло Димитров во 2000 година ја
завршува Националната академија за театар
и филм „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија на отсекот
по пантомима.
Во 2003 година магистрира театарска режија на Новиот бугарски
универзитет во Софија. Од 2004 година е професор по „импровизација на движењето“ на Националната академија
за театар и филм во Софија. Работи како кореограф и
танчар во неколку минати проекти на Здружението „По вистински случај“. Во 2009 година, со својата танцова минијатура, „Пара/Симпатетик“, добива прва награда
на натпреварот за современа бугарска кореографија, организиран од фондација
„Хјум артс“ и Центар за култура и дебата „Црвената куќа“ во Софија.
No comments:
Post a Comment