Тројца актери ги толкуваат улогите во нашата претстава „Со љубовта шегување
нема“ – Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска. Режисер на
новото дело на „Интимен театар“ е Софија Ристевска. Користиме текстови од
францускиот писател Алфред де Мисе и документарни материјали. Премиерата е на 27
декември (сабота) во 20 часот. Закажавме изведби и на 28 и 29 декември во истиот
термин. Во меѓувреме запознајте се со тројцата актери од „Со љубовта шегување
нема“.
Здравко Стојмиров – Наградуван
глумец во потпетици
Здравко Стојмиров толкува женски лик во „Со љубовта шегување нема“. Ја
разработуваме идејата дека полот добиен со раѓањето не го определува нашиот
вистински пол. Секој има право да ја донесе таа одлука за себе, а користиме и
приказни за припадници на ЛГБТИ заедницата. Здравко играше и во првата
продукција на „Интимен театар“ откако влеговме во нашиот простор на улица Стив
Наумов број 35, претставата „Трансферату“. Има дипломирано на универзитетот
„Неофит Рилски“ во Бугарија. Играше во „Дневникот на лудиот“ во режија на
Роберт Симоновски, а за изведбата доби прва награда на фестивалот „Фиат“ во
Подгорица. Забележливи се и неговите улоги во „Црвено“, „Мажот е маж“ и „За
домот се работи“ на режисерот Мартин Кочовски. Со Софија Ристевска има
соработувано и на „Приказна за зоолошката“ и „Домот на Бернарда Алба“.
Катерина Аневска – На
независна сцена и во национален театар
Катерина (десно на фотографијата доле) има дипломирано на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Со
нашата режисерка Софија Ристевска веќе работеше на „Љубовницата“ и „Љубовта е демоде“.
Најголемиот број од нејзините премиери се на сцената на битолскиот театар.
Глуми во актуелната претстава „За домот се работи“ на Мартин Кочовски. Има
соработувано со словенечкиот режисер Диего де Бреа, а значаен дел од нејзината
професионална биографија се: „Каренина Made in Macedonia“, „Травничка
хроника“, „Обична приказна“ итн.
Стефанија Милевска – Поп и
џез пејачка во актерска кожа
Стефанија (лево на фотографијата) има дипломирано на катедрата за поп и џез пеење на Новиот
бугарски универзитет во Софија. Беше дел од бендот „Блусис“ и кореограф на мјузикл
и фестивали. Долг период работи и во модното студио „Анастасија“. Заклучокот е
дека манекенството и модерниот балет заземаат голем дел од нејзината биографија.
Стефанија заедно со Кире Миладиновски работеше и на кореографијата на нашата
претстава „Со љубовта шегување нема“.